Предупредување до српските државјани кои патуваат во Хрватска упати Центарот за документација и информации „Веритас“, посочувајќи на неодамнешен случај во кој српски фудбалер бил приведен и казнет поради објава на социјалните мрежи.
Според „Веритас“, станува збор за 37-годишниот Б.Ј. од Сомбор, кој осум години настапува за различни хрватски клубови, а во актуелната сезона игра за ФК „Јован Лазиќ“ од Болман, кај Бели Манастир. Тој нема хрватско државјанство и редовно патувал од Србија во Хрватска поради тренинзи и натпревари.
Центарот наведува дека на 4 септември фудбалерот на својот Фејсбук-стори објавил фотографија од Ратко Младиќ без дополнителен текст. Девет дена подоцна, на 13 септември, при обид да влезе во Хрватска, му била изречена еднодневна забрана за влез, а според тврдењето на „Веритас“, тогаш му било кажано да внимава што објавува на социјалните мрежи.
На 20 септември Б.Ј. повторно влегол во Хрватска преку Унгарија за да настапи на фудбалски натпревар. Според „Веритас“, полицијата пристигнала на стадионот и го привела во текот на натпреварот, додека бил на клупата за резервни играчи.
Наредниот ден, 21 септември, Општинскиот суд во Осиек – Постојана служба во Бели Манастир го прогласил за виновен за прекршок против јавниот ред и мир. Според соопштението на „Веритас“, му била изречена парична казна од 1.500 евра, а фотографијата објавена на Фејсбук била наведена како доказ. По судската одлука, полицијата му издала и решение со кое му бил забранет влез во Европската Унија во период од три месеци.
„Веритас“ предупредува дека српските државјани кои патуваат во Хрватска треба да бидат внимателни со содржината што ја објавуваат на социјалните мрежи, бидејќи, според нивното соопштение, ваквите објави можат да бидат предмет на прекршочни постапки и дополнителни административни мерки.
Хрватското Министерство за внатрешни работи во официјалните информации за странци наведува дека Законот за странци предвидува можност за протерување на државјанин на трета земја во одредени случаи поврзани со јавниот ред, вклучително и прекршоци против јавниот ред и мир.
Од „Веритас“ посочуваат дека социјалните мрежи, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм и ТикТок, стануваат сè почеста причина за постапување на надлежните органи во вакви случаи.









