ПРВ.мк
Балкан

19 КУФЕРИ НА АЕРОДРОМ ЈА АКТИВИРАА ПОЛИЦИЈАТА: Маж и жена со опрема за надзор тргнале кон Тел Авив!

19 КУФЕРИ НА АЕРОДРОМ ЈА АКТИВИРАА ПОЛИЦИЈАТА: Маж и жена со опрема за надзор тргнале кон Тел Авив!

Црногорската полиција уапсила маж и жена, државјани на Русија и Израел, откако при детална проверка на нивниот багаж на аеродромот била пронајдена поголема количина специјализирана опрема за која постои сомнение дека може да се користи за следење и надзор.

Станува збор за Александар Михаиловиќ Кругљански (31), руски државјанин, и Александра Кругљанска (42), државјанка на Израел. Тие биле запрени на аеродромот додека се подготвувале да се качат на лет кон Тел Авив. Со себе имале вкупно 19 куфери и торби.

При деталниот преглед, во повеќе од половина од багажот биле пронајдени различни уреди и опрема за која надлежните се сомневаат дека може да служи за надзор, откривање на уреди за прислушување и други форми на техничко следење.

Меѓу предметите што биле одземени се наоѓал ГПС-тракер со вграден микрофон, како и професионален детектор на радио-сигнали „BugHunter Professional BH-04“, наменет за откривање скриени безжични микрофони и камери.

Во багажот биле пронајдени и надзорни камери и друга опрема за видеонадзор, компјутерски компоненти, мемориски уреди и различни кабли.

Покрај техничката опрема, полицијата кај осомничените пронашла и непријавени лекови, како и 26.210 евра и 1.150 израелски шекели, чија вредност е околу 330 евра.

Според информациите објавени од црногорскиот портал „Вијести“, двајцата престојувале во Црна Гора со туристичка виза и во изминатиот период повеќепати влегувале во земјата.

По наредба на државниот обвинител во Основното државно обвинителство во Котор, против нив била поднесена кривична пријава поради сомнение за сторени кривични дела шверц и перење пари.

Црногорската полиција соопшти дека истрагата продолжува со интензивни активности, во координација со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и меѓународни разузнавачки партнери.

Целта на истрагата е целосно да се утврдат мотивите, околностите и позадината на активностите на двајцата приведени, како и намената на пронајдената опрема.