Нова антикорупциска акција во Хрватска резултираше со апсење на градски советник, кој според неофицијалните информации бил фатен во моментот кога примал пари од лице осудено на општокорисна работа.
Хрватската Канцеларија за спречување корупција и организиран криминал (УСКОК) потврди дека во понеделникот е уапсено едно лице на подрачјето на Кутина, поради сомнение за корупциски кривични дела.
Според информациите на хрватскиот портал „Индекс“, уапсен е Дражен Киндерман, член на Градскиот совет на Кутина и претседател на Советот на месната заедница Репушница.
Тој се сомничи дека побарал 200 евра од лице осудено на општокорисна работа, ветувајќи му дека ќе му овозможи да го избегне извршувањето на казната.
Меѓутоа, осуденикот започнал соработка со полицијата и, по претходен договор со истражителите, му ги предал бараните пари.
Токму во моментот на примопредавањето, полициските службеници го уапсиле Киндерман.
Дополнително внимание предизвикува фактот што против него веќе се води судски процес во друг корупциски предмет, во кој првообвинет е градоначалникот на Кутина, Златко Бабиќ.
Од УСКОК најавуваат дека по испитувањето на осомничениот ќе биде донесена одлука за евентуално отворање истрага и барање притвор.








