ПРВ.мк
Црна Хроника

Мафија регрутира деца, ги мачи и ги принудува на убиства: „Нè држат во заробеништво и ни треба помош“

Мафија регрутира деца, ги мачи и ги принудува на убиства: „Нè држат во заробеништво и ни треба помош“

Шокантна новинарска истрага на Би-Би-Си открива како криминални организации во Франција регрутираат малолетници преку социјалните мрежи, ветувајќи им брза заработка, луксузен живот и илјадници евра. Наместо тоа, децата завршуваат во свет на дрога, насилство, уцени и убиства.

Особено потресен е случајот со две 15-годишни момчиња од Марсеј, кои биле држени во заробеништво, тепани и понижувани, а едното било и сексуално злоставувано. Едно од момчињата успеало тајно да предаде порака на жена додека продавало дрога, молејќи за помош.

„Не држат затворени и ни треба помош. Имаме 15 години“, пишувало во пораката.

Момчињата подоцна се обиделе да избегаат преку прозорец, но едното било фатено, претепано и избодено со нож. За среќа, преживеало.

Во центарот на истрагата е озлогласената криминална организација „ДЗ Мафија“, која има силно влијание во Марсеј. Нејзините членови преку интернет регрутираат млади луѓе за продажба на дрога, но и за извршување убиства.

Според официјалните податоци наведени во истрагата, во текот на 2025 година повеќе од 10.000 малолетници биле на некаков начин вклучени во трговијата со дрога во Франција.

Една мајка раскажала дека нејзиниот син заминал во Марсеј, тврдејќи дека работи во ресторан. Три недели подоцна добила телефонски повик од лекар, кој ѝ соопштил дека момчето било застрелано во главата.

Француските власти предупредуваат дека криминалните организации сè почесто ги искористуваат ранливите деца, претворајќи ги во жртви на опасна мрежа од организиран криминал.