Трагично заврши повеќедневната потрага по 13-годишно девојче од Берлин, чие безживотно тело било пронајдено во напуштена куќа во германскиот град Бад Фрајенвалде, на околу 50 километри од нејзиниот дом.
Според информациите на германските медиуми, станува збор за ученичката Лиса Т., која исчезнала во вторникот откако излегла од дома за да оди на училиште. Девојчето никогаш не пристигнало на наставата, по што започнала голема полициска потрага.
Морничавото откритие се случило кога сопственикот на напуштената куќа пристигнал на договорено разгледување на недвижноста. Внатре го затекнал телото на девојчето, како и тешко повреден маж.
Според обвинителството, уапсениот маж е осомничен за киднапирање и убиство на девојчето. Тој наводно си нанел тешки повреди со огнено оружје и во критична состојба бил пренесен во болница.
Во потрагата по девојчето учествувале стотици полицајци, а биле ангажирани хеликоптер, кучиња трагачи и специјална опрема за пребарување.
Причината за смртта сè уште не е официјално утврдена, а надлежните очекуваат обдукцијата да даде дополнителни одговори.
Германската полиција продолжува со истрагата за целосно расветлување на случајот.






