Тешка спасувачка акција се одвивала на планината Комови, во близина на Подгорица, откако две малолетни лица и едно возрасно лице останале заглавени во длабоки снежни наноси.
По добиената информација, на терен веднаш биле испратени екипи на Службата за заштита и спасување на Главниот град, кои започнале акција за извлекување на заглавените лица.
Од Службата за заштита и спасување на Подгорица за агенцијата RINA потврдиле дека во операцијата биле вклучени командир, раководител и четворица пожарникари-спасувачи. Акцијата траела околу шест часа, а спасувачите работеле во исклучително тешки временски услови.
По долга и напорна интервенција, двете деца и возрасното лице биле успешно извлечени од снежните наноси и пренесени на безбедно место.
По овој настан, надлежните упатиле апел до граѓаните да бидат особено внимателни при движење во планинските предели. Тие потсетуваат дека пред да тргнат кон тешко проодни планински превои, неопходно е да ги проверат временските услови и официјалните информации од надлежните служби.







