Најмалку 34 лица го загубиле животот откако дрвен брод со мигранти се превртел во Атлантскиот Океан, во близина на брегот на Сенегал. Едно лице било спасено, додека судбината на останатите патници сè уште не е позната, а потрагата по исчезнатите продолжува.
Информацијата ја објави Сенегалската новинска агенција АПС, повикувајќи се на официјални податоци, а ја пренесе и британскиот „Би-би-си“. Министерството за внатрешни работи на Сенегал потврдило дека во несреќата има најмалку 34 загинати и едно спасено лице, додека надлежните сè уште го утврдуваат точниот број на исчезнати.
Според првичните информации, малото дрвено пловило се движело кон шпанските Канарски Острови кога се превртело во морето, на потегот меѓу главниот град Дакар и северниот град Сен Луј.
По трагичниот настан се огласил и претседателот на Сенегал, Басиру Диомај Фај, кој изразил сочувство до семејствата на загинатите. Тој упатил апел до граѓаните да не ги изложуваат своите животи на ризик со тргнување на опасните поморски патишта кон Европа.
Фај најавил дека властите ќе преземат решителни мерки против лицата и мрежите кои организираат вакви преминувања, но истовремено ќе работат на создавање подобри можности за младите во земјата.
„Ќе се бориме безмилосно против организаторите на овие преминувања, но ќе работиме и на тоа младите во Сенегал да имаат перспектива“, порача сенегалскиот претседател.
Според Салиу Диуф, основач на сенегалската организација за помош на мигрантите „Боза Фии“, сите тела што досега биле пронајдени се на државјани на Сенегал. Сепак, сè уште не е познато од кои земји потекнуваат останатите патници кои се наоѓале на бродот.
Опасната рута кон Канарските Острови повторно одзеде човечки животи
Оваа несреќа повторно го актуализираше проблемот со опасните миграциски преминувања преку Атлантскиот Океан, особено по рутата што води од западниот брег на Африка кон Канарските Острови, кои се дел од Шпанија.
Според податоците на шпанската организација „Вокинг бордерс“, во периодот од јануари до мај 2026 година, на патувањето кон Канарските Острови животот го загубиле 635 мигранти.
Во меѓувреме, на шпанскиот остров Ел Иеро била прогласена вонредна состојба поради големиот број мигранти кои пристигнуваат на островот. Само од почетокот на ноември таму пристигнале повеќе од 3.300 луѓе, со околу 30 пловила.
По последната несреќа, сенегалските власти најавиле засилени активности против мрежите за криумчарење мигранти, како и поголема соработка со соседните држави со цел спречување на опасните нелегални преминувања.








