Бугарската агенција за безбедност на храната не дозволи две нови пратки овошје и зеленчук да влезат на пазарот на Европската Унија, откако во нив биле откриени наднормени количини остатоци од пестициди.
Едната пратка содржела 9.502 килограми пиперки од Македонија, додека втората била составена од 19.200 килограми трпезно грозје од Турција.
Според информациите од бугарските власти, македонските пиперки ќе бидат испратени на уништување, додека турското грозје ќе биде вратено во земјата на потекло.
Несообразностите биле утврдени со лабораториски анализи во рамките на засилениот мониторинг на свежо овошје и зеленчук наменето за бугарскиот пазар.
Контролите се спроведуваат со цел производите што не ги исполнуваат безбедносните стандарди да не стигнат до потрошувачите.
Ова не е прва ваква пратка што е запрена.
Во рамките на засилените контроли досега не биле дозволени вкупно пет пратки трпезно грозје од Турција, со вкупна тежина поголема од 53 тони.
Од Македонија досега биле запрени две пратки пиперки со вкупна тежина поголема од 21 тон.
Бугарската агенција за безбедност на храната најави дека засилените проверки на свежото овошје и зеленчук ќе продолжат и во следниот период.









