Можно е електричната енергија за домаќинствата да поскапи до пет проценти, но Владата презема активности за евентуалното зголемување да не биде поголемо од тоа, најави премиерот Христијан Мицкоски.
На брифинг со новинарите, тој објасни дека се подготвува модел за зголемување на домашното производство на електрична енергија, кој предвидува обезбедување јаглен од Косово за потребите на РЕК Битола, комбинирање со домашните количества и дополнителни набавки од Грција. Во планот е и повторно активирање на третиот блок во термоелектраната.
Мицкоски предупреди дека енергетските пазари во Европа се соочуваат со значително зголемување на цените, при што електричната енергија и гасот поскапеле и до трипати. Според неговите процени, во наредните месеци цената на струјата би можела да достигне од 350 до 400 евра за мегават-час.
Истовремено, гасот, кој претходно чинел меѓу 28 и 30 евра, сега достигнува цена од околу 86 евра, а во одредени периоди надминува и 100 евра.
Над 6.000 тони јаглен дневно ќе се транспортираат од Косово
За обезбедување јаглен од Косово веќе се подготвува логистички модел со кој би се овозможил транспорт на повеќе од 6.000 тони дневно. За реализација на оваа операција се предвидува ангажирање на над 200 камиони.
Тендерската постапка за транспорт и складирање на јагленот е во тек, а очекувањата се дека ќе биде завршена до крајот на месецот.
Паралелно со ова, Владата работи и на повторно ставање во функција на блокот 3 во РЕК Битола. За транспорт на потребните енергенси се планира користење на железничка линија од пристаништето во Солун.
Според премиерот, во тек е обновување на потребната инфраструктура, а во активностите се вклучени Министерството за транспорт и Македонски железници. Мицкоски тврди дека со предложениот модел производната цена на електричната енергија би била двојно пониска во споредба со претходната.
Зимските врнежи би можеле да помогнат во производството на струја
Премиерот се осврна и на состојбата со хидроенергетските капацитети. Според прогнозите за претстојната зима, се очекуваат температури и врнежи кои би биле малку над просечните вредности.
Овие временски услови би можеле позитивно да влијаат врз нивото на водата во акумулациите, а со тоа и врз производството на електрична енергија во хидроцентралите.
Мицкоски оцени дека состојбите на европскиот енергетски пазар претставуваат сериозен ризик за инфлацијата, но нагласи дека Владата презема мерки за да ја зачува економската стабилност.
Како споредба, тој ги посочи податоците за инфлацијата. Според презентираните бројки, во октомври инфлацијата во Македонија изнесувала 3,3 проценти, додека европскиот просек бил четири проценти. Во третиот квартал, просечната инфлација кај нас била 2,5 проценти, наспроти 3,5 проценти во Европа.
Мицкоски откри и за стотици пријави за финансиски криминал и корупција
На истиот брифинг, премиерот соопшти дека до надлежните институции биле доставени неколку стотици пријави поврзани со сомневања за финансиски криминал и корупција.





