Во просториите на Општина Кавадарци денеска се одржа работен состанок посветен на конечното утврдување на трасата на новата градска обиколница.
На состанокот присуствуваа градоначалникот Митко Јанчев, претставници на Јавното претпријатие за државни патишта, општинската администрација, стручните служби и инженери, советници од Советот на Општина Кавадарци, како и професори од Градежниот факултет во својство на ревиденти на проектот.
По детално разгледување на повеќе технички решенија и усогласување на стручните предлози, беше усвоено конечното решение за вториот дел од трасата, на потегот од „Југо Комерц“ до Витач.
Според предвидената динамика и обемот на проектната документација, се очекува до средината на следната година целосно да биде финализиран основниот и инфраструктурен проект. Со тоа ќе се создадат услови за распишување тендерска постапка и отпочнување на градежните работи на терен.
Утврдувањето на трасата е еден од најважните чекори за реализација на овој капитален инфраструктурен проект, кој трајно ќе го растовари градскиот сообраќај и значително ќе го подобри сообраќајното поврзување во Кавадарци.





