Триесетгодишна жена во вторникот беше осудена на доживотен затвор за убиството на осумгодишниот Фабијан, случај кој минатата година ја потресе јавноста во Германија. Судот во Росток го прифати барањето на обвинителството за најстрога казна и утврди дека станува збор за особено тежок степен на вина.
Со ваквата одлука, практично се исклучува можноста осудената да биде ослободена по отслужување на 15 години затвор, што вообичаено може да биде опција кај доживотните казни во Германија.
За време на изрекувањето на пресудата, жената речиси и не покажала реакција. Сепак, уште во своето претходно завршно обраќање најавила дека ќе поднесе жалба доколку биде прогласена за виновна.
„Ќе продолжам да се борам додека повторно не се ослободам“, изјавила таа.
Обвинетата од почетокот до крајот на судскиот процес ја негирала вината. Судењето започнало кон крајот на април, а таа постојано тврдела дека нема никаква поврзаност со убиството на момчето.
Обвинителството, пак, во завршниот збор оценило дека собраните индиректни докази се доволни за да се утврди нејзината вина и дека тие не оставаат основано сомнение дека таа го извршила делото. Иако обвинетата никогаш не признала, а немало ниту очевидци на убиството, обвинителите сметале дека доказите ја потврдуваат нејзината одговорност.
Случајот со исчезнувањето и смртта на осумгодишниот Фабијан во октомври минатата година предизвика голема вознемиреност во Германија. Стотици полицајци со денови го барале момчето, сè додека неговото тело не било пронајдено покрај мало езерце на поле.
Телото било запалено по убиството, а подоцнежната идентификација потврдила дека станува збор за исчезнатиот Фабијан.
Според обвинителството, мотивот за убиството бил поврзан со односот меѓу обвинетата и таткото на момчето. Жената неколку години била во врска со таткото на Фабијан, но нивната врска завршила минатата година.
Обвинителите тврделе дека таа го доживувала детето како пречка за продолжување на љубовната врска со неговиот татко и дека токму тоа било причината поради која го извршила убиството.
Особено внимание привлекува и изјавата на таткото на момчето, кој за време на судската постапка открил дека тој и обвинетата повторно ја обновиле врската додека таа била во притвор. Тој исто така се грижел за нејзините коњи.
И покрај нејзиното негирање и најавената жалба, судот донесе одлука за доживотен затвор, оценувајќи дека вината е особено тешка.








