ПРВ.мк
Скопје

ГРАЃАНИ СНИМИЈА КАМИОН КАКО ИСТУРА ЃУБРЕ ВО АЕРОДРОМ: Општината веднаш реагираше, изречена е и казна!

ГРАЃАНИ СНИМИЈА КАМИОН КАКО ИСТУРА ЃУБРЕ ВО АЕРОДРОМ: Општината веднаш реагираше, изречена е и казна!

Жители на скопската општина Аеродром реагираа откако забележале камион како истура отпад на градилиште во близина на поликлиниката „Јане Сандански“. Фотографиите од настанот беа објавени во групата „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“, по што општинските инспекциски служби излегоа на терен и презедоа мерки против изведувачот на градежните работи.

Граѓаните побараа од надлежните веднаш да реагираат и да го санкционираат непрописното одлагање отпад, особено поради сомнежите дека градежната дупка околу објектот се пополнува со ѓубре и градежен шут наместо со соодветен материјал.

Објавените фотографии предизвикаа бројни реакции, а дел од жителите предупредија дека ваквата практика може да предизвика дополнителни проблеми во иднина.

„Ова треба да се пријави затоа што полнење на градежно земјиште околу објект се прави со соодветен градежен материјал и површински слој чиста земја. Ова е отпад и градежен шут кој подоцна ќе деградира под земја, ќе пропадне површината заедно со тротоарите околу зградата кои ќе се изградат со објектот“, коментирал еден од жителите.

Според фотографиите од локацијата, заштитната ограда на градилиштето била отстранета на делот каде што се истурал отпадот, кој потоа бил користен за пополнување на дупка во градежното земјиште.

По реакциите на граѓаните, инспекциските служби на Општина Аеродром веднаш извршиле контрола на посоченото место. Од Општината за „Слободен печат“ потврдиле дека при надзорот било утврдено присуство на градежен и комунален отпад, поради што на изведувачот му било наложено да го отстрани и да ја исчисти локацијата.

Покрај тоа, инспектор за животна средина му изрекол и парична казна за констатираните неправилности.

„Веднаш по добиената пријава од граѓаните, инспекциските служби на Општина Аеродром излегоа на терен и извршија инспекциски надзор на посочената локација. При надзорот беше констатирано присуство на градежен и комунален отпад, по што на изведувачот на градежните работи му беше наложено да го отстрани отпадот и да ја исчисти локацијата. Инспектор за животна средина на Општина Аеродром му изрече парична казна на изведувачот поради констатираните неправилности“, соопштиле од Општината.

По интервенцијата и изречената казна, отпадот бил отстранет, а на градилиштето била поставена нова заштитна ограда. Од локалната самоуправа најавиле дека ќе продолжат со засилени инспекциски контроли за да спречат вакви случаи и да обезбедат почитување на прописите за правилно одлагање отпад.

Најнови вести