Човечки коски биле пронајдени во бунар на територијата на Смедерево, Србија, откако локален жител го пријавил случајот во полиција.
Според извори од истрагата за српските медиуми, се сомнева дека станува збор за посмртните останки на маж чиешто исчезнување било пријавено во полиција уште во 2018 година. Пријавителот му соопштил на надлежните органи дека ги забележал коските во бунарот и дека претпоставува оти тоа се останките на неговиот дедо.
На терен веднаш излегле полициски екипи, а за извлекување на скелетот од длабоката вода биле ангажирани и нуркачи од Жандармеријата.
Останките од телото се пренесени на Институтот за судска медицина, каде што е наложена ДНК анализа со цел официјално да се потврди идентитетот на починатиот. Поради долгиот временски период, во оваа фаза од истрагата не може да се утврдат причините за смртта, па полицијата ги испитува сите можности – од несреќен случај и самоубиство до евентуално кривично дело.








