ПРВ.мк
Македонија

ИЗМАМА ПРИ КУПУВАЊЕ АВТОМОБИЛ ОД ГЕРМАНИЈА: Македонец уплатил 6.800 евра за „Ауди А5“, но возилото никогаш не стигнало!

ИЗМАМА ПРИ КУПУВАЊЕ АВТОМОБИЛ ОД ГЕРМАНИЈА: Македонец уплатил 6.800 евра за „Ауди А5“, но возилото никогаш не стигнало!

Дваесет и шестгодишен жител на тетовско пријавил дека бил измамен за 6.800 евра при обид да купи автомобил „Ауди А5“ преку германска интернет-страница за продажба на возила. Откако ги уплатил парите, испратил шлеп-служба да го преземе автомобилот, но на договорената адреса го чекало непријатно изненадување.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 26 октомври младиот човек забележал оглас за продажба на автомобил „Ауди А5“ на германска интернет-страница. За да стапи во контакт со продавачот, побарал помош од свој пријател кој престојува во Германија.

Преку него бил воспоставен контакт со лицето кое се претставило како продавач, 46-годишниот Ј.Л. од Германија. По разговорите, двајцата се договориле автомобилот да биде продаден за вкупно 8.000 евра.

Купувачот најпрво уплатил 800 евра како капар. Откако добил фотографија од наводен договор за купопродажба, на 29 октомври преку банкарска сметка префрлил уште 6.000 евра.

Сомнежите дека станува збор за измама се појавиле дури кога ангажираната шлеп-служба пристигнала на адресата во Германија за да го преземе автомобилот. Таму било утврдено дека лицето кое се претставувало како продавач воопшто не живее на наведената адреса и дека податоците за локацијата биле лажни.

Откако сфатил дека најверојатно бил измамен и дека останал без уплатените пари и автомобилот, 26-годишникот го пријавил случајот во Секторот за внатрешни работи на 10 ноември.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со измамата.

Најнови вести