ПРВ.мк
Македонија

НОВИ КАЗНИ ПРЕКУ „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: Камерите ќе снимаат и непрописно паркирање и запирање - еве од кога!

НОВИ КАЗНИ ПРЕКУ „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: Камерите ќе снимаат и непрописно паркирање и запирање - еве од кога!

Системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да регистрира и непрописно паркирање и запирање на возилата, а возачите кои нема да ги почитуваат сообраќајните правила ќе добиваат известувања за прекршоците преку СМС-пораки. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека оваа функционалност треба да започне да се применува до крајот на годинава.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата, Тошковски објасни дека досега постоел технички проблем со автоматското препознавање на неправилно паркираните возила, особено во услови на големи сообраќајни метежи. Системот не можел секогаш прецизно да утврди дали возилото навистина е непрописно паркирано или, пак, се наоѓа во колона поради застој во сообраќајот.

Министерот најави дека во наредниот период оваа можност ќе почне да функционира, а контролите првенствено ќе бидат насочени кон главните сообраќајници и крстосници во Скопје, но и во другите градови низ државата.

„До крајот на годинава ќе отпочнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање со оние возила коишто ги имаме за детектирање на погрешно паркирање и запирање. И истите ќе бидат фокусирани, ги имам кажано и претходно ова многу пати, во насока на пред сè чистење на главните крстосници во главниот град и во останатите градови низ државата. Кога мислам на главни крстосници на движење, мислам на булеварите. Така да еве наредниве месец, месец и половина сигурен сум дека ќе отпочнеме со достава до оние коишто не ги почитуваат правилата во рамки на истиот систем кој веќе го имаме, значи преку СМС пораки“, истакна Тошковски.

Тој појасни дека системот ќе се применува во периоди и услови кога ќе може недвосмислено да се утврди дека станува збор за вистински сообраќаен прекршок. Целта е да се избегне неправедно казнување на возачите кои се затекнале во колона или се движат во услови на сообраќаен застој, а не направиле прекршок.

На денешната прес-конференција посветена на проектот „Безбеден град“, министерот зборуваше и за автоматизираното обработување на сообраќајните прекршоци без користење хартиена документација, како и за проширувањето на системот за наплата на казни од странски возачи на граничниот премин Блаце.

Тошковски нагласи дека една од главните цели при развојот на системот била целата постапка, од регистрирањето на прекршокот до известувањето на граѓанинот, да се одвива автоматски и електронски, без потреба од хартиени документи.

„Нашата цел беше максимално автоматски да го поврземе констатирањето на прекршокот со неговото процесирање и сето тоа да биде без хартија, да биде доставено на СМС или на имејл адреса. Навистина ни е иновативен системов во споредба со многу системи што ги има во многу земји“, појасни министерот.

Казни и за странските возачи на граничниот премин Блаце

Покрај контролите во сообраќајот, се проширува и системот за откривање и наплата на прекршоци што ги прават странските државјани. Тошковски информираше дека пред граничниот премин Блаце веќе се поставени привремени објекти преку кои ќе се врши наплатата на сообраќајните казни.

Тој најави дека многу наскоро ќе започне детектирањето на прекршоците, известувањето на возачите и наплатата на казните што ги направиле странските државјани кои го користат овој граничен премин.

„Да ги известам сите странци кои фреквентно го користат граничниот премин Блаце дека за многу брзо ќе започнеме со детектирање, известување и наплата на сите казни сторени од нивна страна. Веќе го имаме тоа на граничниот премин Табановце, а сега ќе функционира и на Блаце“, истакна Тошковски.

Странските возачи ќе можат преку посебна апликација да проверат дали со нивното возило е регистриран сообраќаен прекршок, како и електронски да ги подмират евентуалните обврски кон Министерството за внатрешни работи и државата.

Според министерот, апликацијата веќе е функционална, тестирана и проверена, а досега ја користат странските државјани кои транзитираат преку граничниот премин Табановце. Со нејзиното воведување и на Блаце, возачите ќе можат да ги проверат прекршоците и да ги платат казните пред да продолжат со патувањето, без дополнително задржување и чекање на границата.

На крајот, Тошковски упати апел до сите учесници во сообраќајот, и домашни и странски возачи, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Тој порача дека најдобриот начин да се избегнат казните е да не се прават прекршоци и да не се загрозува безбедноста и животот на останатите учесници во сообраќајот.