Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, во рамки на работната посета на Германската федерална полиција, оствари билатерална средба со нејзиниот претседател, д-р Дитер Роман (Dieter Romann).
На средбата беа разгледани актуелните безбедносни предизвици и можностите за продлабочување на соработката во борбата против илегалната миграција, тероризмот, криумчарењето мигранти, организираниот криминал и недозволената трговија со дрога. Посебен акцент беше ставен врз навремената размена на информации и заедничкото оперативно дејствување.
Посебно внимание во разговорите беше посветено на зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција, особено на граничната полиција, преку специјализирани обуки, размена на искуства и воведување современи технички решенија. Како клучни точки беа разгледани можностите за воведување електронски гранични порти (E-gates), имплементацијата на системите на ЕУ за гранична контрола, како и унапредувањето на работата на заедничките истражни тимови и оперативни групи.
Директорот Јанев изрази благодарност за континуираната поддршка од германската Влада во модернизацијата на македонската полиција преку донации на возила, опрема, технички средства и обуки. Воедно, беше истакнато и значењето на вложувањето во човечките ресурси и професионалниот интегритет, при што повторното отворање на Средното полициско училиште беше посочено како стратешка инвестиција во иднината на полицијата.
На средбата беше потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на партнерството и координирано дејствување во справувањето со транснационалните безбедносни закани, со што Македонија уште еднаш се потврдува како доверлив и активен партнер во европската безбедносна рамка.






