Четирите малолетнички против кои се водеше судска постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров добија мерка упатување во воспитно-поправен дом. Одлуката ја донел судија за деца при Основниот кривичен суд Скопје, дознава „Скопје1“.
Според информациите, за првообвинетата малолетничка е изречена мерка во траење од една година, додека останатите три девојчиња ќе бидат упатени во воспитно-поправен дом по осум месеци.
Сепак, судската одлука сè уште не е правосилна. Од Основниот кривичен суд Скопје за „Скопје1“ потврдиле дека пресудата е во фаза на писмена изработка и сè уште не им е доставена на странките во постапката.
Станува збор за случајот што предизвика силни реакции во јавноста, откако беше откриено дека група малолетнички во два одделни наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров. Дополнително вознемирување предизвика фактот што дел од присутните го снимале насилството со своите мобилни телефони.
Редакцијата на „Скопје1“ претходно објави дека располага со снимки од настаните, но одлучила да не ги објавува за да не се предизвика дополнителна виктимизација на малолетната жртва.
Според описот на снимките, девојчето било опкружено од група врсници, по што било влечено за коса, туркано на земја и удирано со клоци и удари во лицето. Додека траело малтретирањето, дел од присутните деца се смееле, а други го снимале настанот.
Особено вознемирувачка била и фотографијата на која две од девојчињата се фотографирале со жртвата, додека таа имала повреди и крварела од носот и устата.
По откривањето на случајот, Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против четири малолетнички. Едната во тоа време имала 17 години, а во меѓувреме станала полнолетна, додека останатите три имале по 14 години. Постапката се водела поради основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“, согласно Законот за правда за децата.
Од Обвинителството тогаш информирале дека девојчињата учествувале во насилнички дејствија за време на два одделни настани.
Покрај постапката против малолетничките, до Обвинителството биле доставени и шест кривични пријави против нивните родители за кривичното дело „запуштање и малтретирање дете“. Пријавите се однесувале на сомневања дека родителите ја занемариле својата должност да се грижат за децата и да ги воспитуваат.
Засега нема дополнителни информации за тоа како завршиле постапките по овие шест пријави против родителите.
Со најновата судска одлука е донесен првостепен исход во постапката против четирите малолетнички, но бидејќи мерките сè уште не се правосилни, останува можноста одлуката да биде преиспитана во понатамошната постапка.







