Хрватска подготвува големи измени во Кривичниот законик со кои за првпат во земјата ќе може да се изрече доживотен затвор. Владата веќе го доставила пакетот законски измени до Парламентот, а новите правила, доколку бидат усвоени, треба да почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Според предлогот, доживотна казна затвор ќе може да биде изречена за 15 од најтешките кривични дела, кои според сегашното законодавство се казнуваат со долготраен затвор.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека измените се одговор на реалните околности со кои се соочува општеството, особено на случаите на тешки убиства.
Министерот за правда Дамир Хабијан објасни дека лицата осудени на доживотен затвор ќе имаат право да побараат условно ослободување откако ќе поминат најмалку 25 години зад решетки. Сепак, тоа нема да значи автоматско излегување од затвор, бидејќи конечната одлука ќе ја носи судот.
Предвидени се и дополнителни мерки за високоризичните сторители по издржувањето на казната. Надзорот би можел да трае од една до пет години, а кај најтешките дела против деца – до десет години.
Со законските измени се предлага и укинување на застарувањето за сите кривични дела за кои може да се изрече долготраен или доживотен затвор.
Една од најголемите новини е воведувањето на ново тешко кривично дело – екоцид. Тоа ќе се однесува на случаи во кои се предизвикува катастрофална, долготрајна и неповратна штета на воздухот, водата, почвата или екосистемот.
За најтешките случаи на загадување се предвидуваат казни од најмалку десет години, па сè до долготраен или доживотен затвор. И за екоцидот нема да важи застарување.
Построги казни се предлагаат и за намерно предизвикување пожари. Наместо досегашните шест месеци до пет години затвор, казната би се движела од една до десет години. Доколку е предизвикана голема материјална штета, сторителот би можел да добие од три до 15 години, а ако има загинати или голем број повредени – казната би можела да достигне и доживотен затвор.
Промени се предвидени и во заштитата на животните. Ќе бидат воведени нови кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на животни и незаконско вршење ветеринарно-медицинска дејност, а казните за постојните дела ќе бидат зголемени.
Истовремено, максималните глоби за компании се предлага да се зголемат на 50 милиони евра.









