ПРВ.мк
Топ Вести

ЗДРВСТВЕН АЛАРМ ВО ГОСТИВАР - надлежните со апел што не смее да се игнорира!

ЗДРВСТВЕН АЛАРМ ВО ГОСТИВАР - надлежните со апел што не смее да се игнорира!

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за граѓаните на Гостивар по воведената привремена забрана за употреба на водата од градскиот водовод.

Од ИЈЗ нагласуваат дека до официјално укинување на забраната, водата од водоводот не смее да се користи за пиење, дури ниту по превривање, освен ако надлежните институции не соопштат поинаку.

За пиење и подготовка на храна користете само флаширана вода

Граѓаните треба да користат исклучиво фабрички пакувана вода за пиење и подготовка на храна. Се препорачува секое лице да има обезбедено најмалку четири литри вода дневно.

Водата од градскиот водовод не треба да се користи за:

  • подготовка на храна;
  • миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи;
  • подготовка на мраз;
  • подготовка на кафе, чај, сокови и други пијалаци;
  • подготовка на храна за доенчиња.

Посебна внимателност со личната хигиена

ИЈЗ препорачува рацете да се мијат со сапун и безбедна вода, особено пред јадење, по користење тоалет, по менување пелени и по контакт со заболено лице.

За миење заби треба да се користи исклучиво флаширана вода. За туширање и капење може да се користи безбедна или превриена вода, но треба да се внимава да не се проголта.

Препораки за угостителските објекти и градинките

Рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти не треба да користат вода од водоводот за подготовка на храна и пијалаци, за миење овошје и зеленчук, ниту за производство на мраз.

Во градинките, децата треба да пијат само флаширана вода, а храната да се подготвува исклучиво со безбедна вода.

Кога да се побара лекарска помош

ИЈЗ препорачува граѓаните веднаш да се обратат кај лекар доколку се појават:

  • дијареја;
  • повраќање;
  • гадење;
  • стомачни грчеви;
  • покачена температура;
  • слабост;
  • знаци на дехидратација, како силна жед, сува уста, намалено мокрење и омалаксаност.

Особено внимателни треба да бидат доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања.

Водата повторно ќе може да се користи само по официјална потврда

Од Институтот потсетуваат дека водата од градскиот водовод ќе може повторно да се користи за пиење само по официјално известување дека забраната е укината и дека водата е безбедна.

По укинувањето на забраната, се препорачува водата да се пушти да тече 5 до 10 минути, да се исчистат апаратите за вода, да се фрли мразот направен за време на забраната и, доколку е потребно, да се заменат филтрите.

Од ИЈЗ нагласуваат дека почитувањето на овие препораки е клучно за намалување на ризикот од заболувања што се пренесуваат преку небезбедна вода.