Нови детали за трагичната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб отвораат прашања за терапијата што ја добил непосредно пред смртта.
Според официјален допис што поранешната директорка на болницата, Мајда Грах, го испратила до Министерството за здравство, на Кристијан му била дадена комбинација од три лекови за смирување – халоперидол, промазин и дијазепам.
Клиничкиот фармаколог и професор на Медицинскиот факултет во Загреб, Роберт Ликиќ, за „24сата“ објаснил дека станува збор за два антипсихотика и еден бензодијазепин, кои се користат и при изразена психомоторна вознемиреност.
Сепак, тој предупредува дека нивната истовремена употреба бара особена претпазливост.
Според експертот, седативните ефекти на овие лекови можат да се надополнуваат, со што се зголемува ризикот од прекумерна седација, пад на крвниот притисок и потиснување на дишењето.
Дополнително, халоперидолот и промазинот можат да влијаат врз електричната активност на срцето и кај одредени пациенти да го зголемат ризикот од опасни срцеви аритмии.
Ликиќ нагласува дека самото комбинирање на овие лекови не значи дека е направена медицинска грешка, но неопходни се соодветно дозирање, јасна медицинска причина и внимателно следење на виталните функции.
Во болничкиот допис се наведува дека Кристијан продолжил да дава силен физички отпор и по примената терапија, поради што била побарана дополнителна помош од медицински техничар.
Експертот посочува дека без точни информации за дозите, времето на нивната примена, претходната терапија и резултатите од обдукцијата и токсиколошките анализи, не може да се утврди дали лековите придонеле за смртниот исход.
Случајот продолжува да се истражува, а четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство на Кристијан Периш.









