Голем скандал со небезбедна храна е откриен во Грција, откако инспекциските служби заплениле повеќе од 616 килограми месо и месни производи, меѓу кои имало и производи со рок на употреба истечен пред 17 месеци.
Според грчкиот весник „Катимерини“, инспекцијата била спроведена во деловен објект во Перистери, предградие во западниот дел на Атина.
При контролата биле откриени вкупно 616,4 килограми небезбедно месо и месни производи, вклучувајќи свежо и замрзнато месо со истечен рок, како и производи без задолжителни идентификациски ознаки.
Особено загрижувачки е податокот дека меѓу запленетите производи имало 84 килограми замрзнато свинско месо чиј рок на употреба истекол уште во мај 2025 година.
Инспекторите заплениле и 180 килограми свинско месо, како и 82 килограми „гардуба“, традиционално грчко јадење приготвено од животински внатрешни органи.
Регионалната советничка на Атика задолжена за земјоделска економија и ветеринарни прашања, Димитра Ангелаки, порача дека контролите ќе продолжат и дека прекршителите ќе се соочат со санкции.
Дополнителна загриженост предизвикува информацијата дека истиот објект и претходно бил казнуван за слични неправилности.
Имено, при инспекција спроведена на 30 април биле запленети уште 138,5 килограми замрзнато месо и месни преработки без соодветни ознаки.
Грчките надлежни служби најавуваат засилени контроли со цел заштита на здравјето на потрошувачите и спречување на продажбата на небезбедни прехранбени производи.








