Нови потресни детали за смртта на Далибор Драгијевиќ, кој почина во полициската станица во Бор во април 2024 година, изнесе неговиот татко Радослав Драгијевиќ во интервју за српската телевизија Н1.
Неговото сведоштво доаѓа откако на 6 ноември годинава беа уапсени осум припадници на Управата на криминалистичката полиција, осомничени за тешка телесна повреда со смртни последици, како и за злоставување и мачење.
Радослав тврди дека за смртта на својот син дознал на особено потресен начин, додека и самиот бил во притвор.
„Три пати ме носеа од Зајечар до Бор, а третиот пат ме оставија во притвор. Тогаш еден полицаец ме фати за рака, ме тргна настрана и ми рече: Знај дека ние ти го убивме синот“, раскажал Радослав за Н1.
Станува збор за неговиот син Далибор, кој бил приведен во рамките на истрагата за исчезнувањето и смртта на двегодишната Данка Илиќ.
Далибор починал на 7 април 2024 година во службените простории на полицијата во Бор.
Неговиот брат Дејан Драгијевиќ е обвинет за убиството на девојчето, но Радослав и понатаму тврди дека ниту еден од неговите синови нема вина во случајот.
„Тие не го виделе девојчето. Обвинителството тврди дека ја удриле со автомобил, но ако удриш некого со автомобил, мора да има некаква трага“, изјавил тој.
Радослав и самиот претходно бил обвинет за непријавување кривично дело и помагање на сторител, но во август 2026 година бил ослободен од обвиненијата.
Истрагата за смртта на Далибор продолжува, а кривичната одговорност на осомничените полицајци допрва треба да се утврди.









