Нови потресни сведоштва за условите во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб излегоа во јавноста по смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш.
Поранешен пациент, кој во 2022 година се лекувал на истото одделение, за хрватски „Индекс“ раскажал за наводно понижување, несоодветен третман и присилно давање лекови.
Мажот, кој сакал да остане анонимен, во болницата пристигнал на 13 јануари 2022 година, поради тешка депресивна епизода. Сам побарал помош, надевајќи се дека конечно ќе му биде подобро.
Меѓутоа, според неговото сведоштво, уште при приемот доживеал непријатно искуство.
Тврди дека лекарка го навредувала и му се заканувала со инјекција, иако тој барал само разговор и стручна помош.
„Почнав да се тресам од страв. Воопшто не ми беше јасно што се случува“, раскажал поранешниот пациент.
Според него, по добивањето антипсихотична терапија бил толку омамен што едвај можел да се движи.
Тој тврди дека со денови никој од персоналот не разговарал со него, иако постојано плачел и барал помош.
„Тоа беше тортура. Чувството на беспомошност е незамисливо“, изјавил тој.
Како единствена личност што му помогнала ја посочил психологот на одделението, која, според неговите зборови, се изборила по 35 дена да биде преместен.
На новото одделение, тврди тој, му било кажано дека претходно добил погрешна дијагноза.
Во болницата вкупно поминал повеќе од шест месеци, а вистинско подобрување почувствувал дури во 2024 година, кога друг лекар му ја променил терапијата.
Поранешниот пациент вели дека искуството оставило длабоки последици врз неговиот живот.
„Попрво би избрал да завршам во логор отколку некогаш повторно да се вратам таму“, заклучил тој.
Неговото сведоштво доаѓа во период кога четворица медицински техничари се под истрага поради сомнение за тешко убиство на Кристијан Периш.






