Страшно убиство ја потресе Германија, откако 35-годишна мајка на пет деца беше избодена до смрт пред Заводот за вработување во градот Дирен. За злосторството е осомничен нејзиниот сопруг, кој претходно бил депортиран во Хрватска.
Според германските медиуми, осомничениот Ферхат А. и претходно бил пријавуван за насилство и закани кон сопругата Весиле.
Поради семејното насилство, жената кон крајот на минатата година заедно со децата била сместена во засолниште.
Во март годинава германските власти го депортирале мажот во Хрватска, согласно Даблинската регулатива, бидејќи тоа била првата земја од Европската Унија во која влегол.
Сепак, само два месеца подоцна повторно се појавил во Германија, и покрај забраната за повторен влез.
Наместо веднаш да биде депортиран, му било овозможено повторно да поднесе барање за азил.
По новите пријави за закани, германските власти повторно започнале постапка за негово протерување. На 15 октомври била издадена наредба за депортација, а од 5 ноември се организирал лет за Загреб.
Но, на 9 ноември се случила трагедијата.
Според информациите од истрагата, осомничениот ја пресретнал сопругата пред Заводот за вработување во Дирен. По жестока расправија, наводно извадил нож и ја прободел во градите.
Жената починала од здобиените повреди, а напаѓачот побегнал.
Полицијата успеала да го лоцира преку мобилниот телефон, по што, според медиумските информации, неговиот шура го убедил да се предаде.
Обдукцијата покажала дека убодот во градите бил смртоносен, а на телото биле откриени и повеќе одбранбени повреди.
Петте деца, на возраст од четири до шеснаесет години, останале без мајка. За нив во моментов се грижи братот на убиената жена, под надзор на надлежните социјални служби.
Случајот отвори сериозни прашања за постапувањето на германските институции и за тоа дали трагедијата можела да биде спречена.






