ПРВ.мк
Црна Хроника

ОТКРИЕНО ШТО КАЖАЛА СЕСТРАТА НА КРИСТИЈАН ВО ПОЛИЦИЈА: Нови детали за ноќта кога починал во Јанкомир

ОТКРИЕНО ШТО КАЖАЛА СЕСТРАТА НА КРИСТИЈАН ВО ПОЛИЦИЈА: Нови детали за ноќта кога починал во Јанкомир

Нови детали за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб отвораат дополнителни прашања за информациите што медицинскиот персонал му ги соопштил на неговото семејство.

Според полициската белешка до која дошол хрватски „Индекс“, сестрата на Кристијан уште на 22 октомври, еден ден по трагедијата, им раскажала на истражителите што се случувало во болницата.

Семејството добило известување дека Кристијан починал откако бил агресивен, бил врзан за кревет и престанал да дише.

Меѓутоа, кога неговите најблиски го виделе телото, забележале модринки околу вратот, ранички под усната и траги од крв.

Според сведоштвото на сестрата, дежурната лекарка им објаснила дека повредите настанале при интубација.

„Индекс“ објави дека, според неговите информации, станува збор за докторката Силвана Јелавиќ.

Дополнителни прашања се појавиле по објавувањето на снимките од видеонадзорот, на кои се гледа како медицински техничари физички го совладуваат Кристијан, вршејќи притисок и во пределот на неговиот врат.

Прелиминарниот обдукциски наод открил повеќекратни скршеници на ребрата, како и белодробен и мозочен едем.

Според наодот, биле скршени третото, петтото и шестото ребро од десната страна, како и ребрата од четвртото до деветтото во близина на градната коска.

Сепак, експертите посочуваат дека скршеници на ребрата можат да настанат и при реанимација, поради што овие наоди сами по себе не докажуваат како се случиле повредите.

Клучното прашање останува дали дежурната лекарка била запознаена со сите околности на интервенцијата и дали информациите што му ги дала на семејството биле целосни и точни.

Засега нема докази дека таа свесно го довела семејството во заблуда.

Конечниот причинител на смртта треба да го утврдат дополнителните судско-медицински анализи.

За случајот се води истрага против четворица медицински техничари осомничени за тешко убиство.