Четворица турски војници загинаа во тешка хеликоптерска несреќа што се случи во четвртокот, 12 ноември, во источната турска провинција Малатија.
Според информациите објавени од турските медиуми, воен хеликоптер од типот С-70 се урнал во населбата Саманкој, во округот Јешилјурт.
Турското Министерство за национална одбрана ја потврди трагедијата, соопштувајќи дека сите четворица војници што се наоѓале во леталото го загубиле животот.
„Четворица наши соборци загинаа кога нашиот хеликоптер С-70 се урна во Малатија од засега неутврдени причини“, се наведува во соопштението на Министерството.
По падот на хеликоптерот избувнал пожар, а според првичните информации, пламенот се проширил и кон блиска куќа.
На местото на несреќата веднаш пристигнале бројни екипи на итната медицинска помош, пожарникари, полиција и спасувачки служби.
Противпожарните екипи успеале да го изгаснат пожарот, додека надлежните институции започнале активности за утврдување на причините за несреќата.
На снимките објавени од турските медиуми се гледаат остатоците од хеликоптерот, како и густ чад и пламен на местото на падот.
Турското Министерство за одбрана изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите војници.
Засега не е познато што го предизвикало падот на воениот хеликоптер, а надлежните служби ги истражуваат околностите на трагедијата.






