По пауза од речиси 15 години, Министерството за здравство најави воведување нов модел на програми за специјализација на лекари, со цел да се надмине сериозниот недостиг на медицински кадар, особено во болниците надвор од Скопје.
Новата стратегија предвидува фокус на пошироки, општи специјализации, кои ќе им овозможат на лекарите да третираат повеќе здравствени состојби. По стекнување стабилна основа, лекарите ќе можат дополнително да се насочат кон супспецијализации, во согласност со реалните потреби на здравствениот систем.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека се напушта досегашниот пристап со прерано тесно профилирање на лекарите. Според него, приоритет ќе има изградбата на силна клиничка база, како што се општ интернист или општ хирург, врз која подоцна ќе се надградува со специјализирани области како кардиологија, ендокринологија и други.
Од Медицинскиот факултет во Скопје нагласуваат дека ваквиот пристап е неопходен за рамномерно покривање на болниците низ државата и за намалување на потребата пациентите да патуваат до главниот град. Деканот, проф. д-р Светозар Антовиќ, посочи дека лекар со пошироки овластувања може да обезбеди значително поголем спектар здравствени услуги, што е особено важно за помалите средини.
Тој потсети дека реформата од 2011 година довела до состојба во која многу болници останале без општи интернисти, а дежурствата често ги извршуваат тесно специјализирани лекари кои не можат целосно да одговорат на потребите на пациентите.
И од Лекарската комора се согласуваат дека постојниот систем на специјализации не дава резултати во пракса. Претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева Старделова, истакна дека новиот модел ќе им овозможи на лекарите ефикасно да прегледуваат и лекуваат пациенти, а по потреба и да ги упатуваат на повисоко ниво на здравствена заштита.
Новите програми ќе бидат усогласени и унифицирани за сите три медицински факултети во државата, со единствени стандарди и ист квалитет на едукација.
















