Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива без поголеми пречки, по коловози кои во најголем дел се суви, информира Автомото сојузот на Македонија во вечерниот билтен за состојбата на патиштата.
Од АМСМ предупредуваат дека во реонот на Ресен е забележана намалена видливост поради појава на магла, која се движи од 30 до 50 метри, поради што се препорачува зголемена внимателност при возењето.
Воедно, од 14:50 часот сообраќајот на патниот правец Берово – Струмица е целосно во прекин поради одржување на јавен собир.
Автомото сојузот посочува дека на одредени делници, особено кај патиштата што минуваат низ клисури и усечени терени, постои можност за појава на ситни одрони. Возачите се потсетуваат дека и понатаму е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
















