Министерството за внатрешни работи ќе ги објави јавно сите локации на кои се поставени камерите од системот „Безбеден град“, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Како што истакна, целта на системот не е да претставува „стапица“ за возачите, туку да придонесе за зголемување на сообраќајната безбедност и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Тошковски нагласи дека транспарентноста е клучен елемент во имплементацијата на овој систем и дека возачите ќе бидат навремено информирани каде точно се наоѓаат камерите за контрола на брзината и другите сообраќајни прекршоци.
„Се водиме според европските стандарди и параметри, кои предвидуваат толеранција од три до десет километри на час над дозволената брзина. Целта не е масовно казнување, туку намалување на брзината и спасување човечки животи“, изјави министерот Тошковски.
Според него, системот „Безбеден град“ е алатка за превенција, а не репресија, и треба да придонесе кон промена на сообраќајната култура и поголема одговорност кај сите учесници во сообраќајот.
Од МВР најавуваат дека дополнителни информации за начинот на функционирање на системот и за локациите на камерите ќе бидат објавени јавно во наредниот период, со цел граѓаните целосно да бидат запознаени со неговата примена.
















