Град Скопје започна координирана акција за елиминирање на бесправно подигнатите и нелегално узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот простор и овозможување безбедно и слободно користење на заедничките површини.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека активностите се реализираат без отстапки и селективен пристап, нагласувајќи дека јавниот простор е сопственост на сите граѓани и не смее да биде предмет на злоупотреба.
„Јавните површини не се приватен имот и нема да има никаква толеранција кон нивната узурпација. Акцијата е веќе започната и ќе се спроведува доследно“, истакна Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека тротоарите, пешачките коридори и останатите јавни зони мора да останат слободни и функционални, бидејќи нивната незаконска окупација директно влијае врз безбедноста и квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните.
Според најавите од Град Скопје, активностите ќе продолжат со зголемен интензитет и ќе ја опфатат целата територија на градот. Воедно, упатен е повик до граѓаните да пријавуваат вакви појави, со цел заеднички да се воспостави ред и еднаков пристап до јавниот простор за сите.
















