ПРВ.мк
Балкан

АЛАРМ ЗА ИДНИНАТА: Населението драстично се намалува - што се случува?

АЛАРМ ЗА ИДНИНАТА: Населението драстично се намалува - што се случува?
Kristal

Албанија бележи значително побрзо намалување на населението во споредба со останатите земји од регионот, покажуваат најновите податоци на Евростат за земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Според официјалната статистика, во 2025 година Албанија имала 2.363.314 жители, што претставува пад од околу 27.600 лица за само една година. Изразено процентуално, тоа значи намалување од околу 1,2 проценти, што е највисока стапка на демографски пад меѓу земјите од регионот.

Во споредба со Албанија, падот на населението во останатите земји кандидати е значително понизок – во Северна Македонија изнесува 0,2 проценти, во Босна и Херцеговина 0,3, во Србија 0,6, а во Црна Гора 0,1 процент. Во просек, другите четири земји од Западен Балкан бележат намалување од околу 0,3 проценти, што значи дека Албанија има речиси четирипати поголем пад.

Најизразеното намалување е забележано кај популацијата под 30 години, што во голема мера се должи на интензивната емиграција, која останува меѓу највисоките во Европа.

„Младите Албанци, особено квалификуваните кадри, сè почесто ја напуштаат земјата во потрага по повисоки примања, подобри работни услови и постабилни можности за професионален развој во земјите од Европската Унија. Овој тренд дополнително се засили по отворањето на европските пазари на труд и програмите за регрутација во земји како Германија, кои се соочуваат со недостиг од работна сила“, пренесува албанскиот весник „Монитор“.

Демографскиот пад дополнително се забрзува и поради континуираното намалување на бројот на млади, што директно влијае врз годишниот пад на наталитетот. Албанија во моментов ја бележи најниската стапка на наталитет во својата современа историја, со фертилитет од околу 1,2 деца по жена во репродуктивна возраст – една од најниските стапки во Европа.

Економската несигурност, високите трошоци за живот и одгледување деца, како и честата емиграција на еден од партнерите, се наведуваат како главни причини поради кои младите парови го одложуваат формирањето семејство.

FixCredit
Escape