Најмалку три лица го загубија животот, а деветмина се повредени во денешниот напад во Тајпеј, кога маж вооружен со нож и димна бомба нападнал случајни минувачи, соопштија градските власти.
Според информациите на Асошиејтед прес, осомничениот подоцна починал откако паднал од зграда во трговски центар. Тајванската полиција потврди дека мажот бил пренесен во болница, каде што лекарите констатирале смрт, откако скокнал од шестиот кат.
Напаѓачот, идентификуван како 27-годишниот Чанг Вен, најпрвин фрлил димна бомба во близина на подземен излез од метро-станицата „Тајпеј Мејн“, во непосредна близина на главната железничка станица. Инцидентот предизвикал паника и масовно бегање на пешаците, јавуваат локалните медиуми.
По тоа, Чанг се движел кон северниот дел на градот, во една од најфреквентните шопинг-зони, каде со нож нападнал повеќе лица во стоковната куќа „Еслит“, на првиот и четвртиот кат од објектот. Според полициските информации, жртвите претежно биле повредени со убодни рани во пределот на вратот.
Од локалните болници е потврдено дека три лица им подлегнале на повредите, додека градските власти соопштија дека уште девет повредени се хоспитализирани, од кои едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, медиумите наведуваат дека Чанг во ноември 2024 година не се одѕвал на повик за обука на резервниот состав на армијата и бил баран поради прекршување на законот за задолжителна воена служба. Како причина се наведува тоа што не пријавил промена на адресата на живеење, поради што повикот за воена обука не му бил доставен, соопшти канцеларијата на окружното обвинителство.
















