Бугарските царински служби на граничниот премин Капитан Андреево открија и запленија пет живи егзотични корали, сокриени во багажниот простор на патнички автобус. Од Царинската агенција информираат дека станува збор за прв ваков случај во нивната досегашна пракса, бидејќи досега биле откривани исклучиво фосилизирани корали.
Живите организми биле пронајдени за време на рутинска контрола, спакувани во стиропорска кутија и пластични кеси исполнети со вода, скриени меѓу патничкиот багаж. Еден од возачите признал дека коралите се негова сопственост, но не приложил никаква документација за нивното потекло и легален транспорт.
Поради тоа, примероците биле одземени, а лицето санкционирано. Станува збор за 33-годишен македонски државјанин со иницијали Р.С., кој ќе одговара за шверц согласно одредбите од бугарскиот Царински закон.
Од Царината појаснуваат дека при проверката биле забележани пет проѕирни вреќички со вода, во кои се наоѓал по еден жив корал. Вториот возач исто така тврдел дека коралите се негови, но не доставил соодветни дозволи.
Запленетите корали се пренесени во Регионалниот музеј за природна историја во Пловдив, каде што се сместени во специјализирани аквариуми со строго контролирани услови. Директорот на музејот, Огњан Тодоров, изјави дека еден од коралите угинал за време на транспортот, најверојатно поради ниска температура, додека еден е во нестабилна состојба. Останатите три, како што посочи, се во добра форма.
Трговијата со заштитени видови, како што се коралите, е строго регулирана со меѓународната конвенција CITES, која предвидува задолжителни дозволи и од земјата извозник и од надлежните институции во земјата увозник.
Според проценките на експертите, коралите најверојатно биле набавени од специјализирана продавница во Турција. Иако вакви продавници работат легално, преносот преку државна граница без соодветна документација претставува сериозен прекршок.
Ова е уште еден случај на обид за шверц на корали на бугарската граница, но првпат се работи за живи примероци.
















