Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје денеска официјално пушти во употреба нова микробиолошка лабораторија, со годишен капацитет од над 20.000 анализи. Генералниот директор Живко Мукаетов информира дека станува збор за инвестиција вредна 3,1 милион евра.
На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја истакна важноста на ваквите инвестиции за националната економија.
„Овде видовме стандарди кои се применуваат во најсовремените светски фармацевтски компании, а особено радува фактот што станува збор за македонска компанија. Повеќе од 3.000 вработени ја градат својата кариера во ‘Алкалоид’ и нејзините претставништва, а над две третини од производното портфолио е наменето за извоз, што директно придонесува за раст на БДП и индустриското производство“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува успешните и развојно ориентирани компании.
Од своја страна, Мукаетов посочи дека новата лабораторија е значаен чекор во проширувањето на портфолиото на производи и зајакнување на конкурентноста на компанијата на меѓународните пазари.
„Оваа инвестиција ни овозможува дополнително проширување на капацитетите за микробиолошки анализи на суровини, полупроизводи и готови производи. Со тоа ја зајакнуваме конкурентноста не само на ‘Алкалоид’, туку и на Македонија како држава. Горди сме што компанијата континуирано продолжува со инвестицискиот циклус“, истакна Мукаетов.
Тој додаде дека 2025 година била исполнета со бројни предизвици, но и покрај тоа, компанијата ја завршува годината над очекувањата, со вкупни приходи од над 335 милиони евра и рекорден консолидиран износ од повеќе од 220 милиони евра.
















