Хрватска воведува построги правила за вработување на странски државјани, со цел поефикасна контрола на пазарот на труд, сузбивање на нелојалната конкуренција и спречување на незаконски практики. Како што пренесува ХРТ, измените во Законот за странци предвидуваат заострување на здравствените услови, како и обврска за основно познавање на хрватскиот јазик.
Според новите прописи, државјани од трети земји, меѓу кои и Македонија, при аплицирање за прва дозвола за привремен престој ќе треба да достават лекарска потврда за здравствената состојба и доказ за вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Надлежните институции посочуваат дека познавањето на јазикот е клучен фактор за успешна интеграција на странските работници. Државниот секретар Иван Видиш истакна дека иако постои кофинансирано учење на јазици преку Европскиот социјален фонд, интересот кај странските работници е ограничен.
Инаку, во текот на годинава Хрватска издала повеќе од 11.000 работни дозволи за државјани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ нагласи дека во изминатите две години се отворени околу 100.000 нови работни места, додека бројот на невработени е намален на 81.000, што, според него, е резултат на активните мерки за вработување.
















