Банкарски службеник од Битола ќе одговара кривично поради злоупотреба на службената положба, откако, според полицијата, незаконски ги зголемувал лимитите на кредитни картички и си прибавил значителна финансиска корист.
СВР Битола поднесе кривична пријава против М.С. (35) од Прилеп поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите од полицискиот билтен, осомничениот, во својство на службено лице во банка во Битола, во повеќе наврати неовластено вршел зголемување на лимитите на сопствената кредитна картичка и на посебен кредитен лимит. Покрај тоа, тој незаконски ги зголемил и лимитите на кредитната картичка на неговата сопруга.
Истрагата утврдила дека со ваквите дејствија осомничениот овозможил противправно зголемување на својот имот, како и на имотот на неговата сопруга и мајка. На тој начин, за себе и за членовите на семејството, прибавил вкупна материјална корист од 657.400 денари, што изнесува над 10.000 евра.
По целосно документирање на случајот, против него е поднесена соодветна кривична пријава, а натамошната постапка ќе ја води надлежното обвинителство.
















