ПРВ.мк
Свет

Трамп направи пресврт: Марихуаната повеќе не е меѓу најопасните дроги во САД

Трамп направи пресврт: Марихуаната повеќе не е меѓу најопасните дроги во САД
Kristal

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која марихуаната на федерално ниво повеќе не се третира како една од најопасните дроги во САД. Со одлуката, канабисот се преместува од првата во третата категорија на контролирани супстанци.

Досега, марихуаната беше класифицирана во истата група со хероин и други тешки дроги, но со новата регулатива ќе се најде во категорија во која спаѓаат, меѓу другото, анаболните стероиди и кетаминот, пренесува „Политико“.

Иако марихуаната е легална во голем број сојузни држави, на федерално ниво таа и понатаму ќе остане контролирана супстанца и нема целосно да се легализира. Сепак, оваа промена отвора простор за поголем број медицински истражувања, како и за даночни олеснувања за компаниите кои развиваат терапии и производи базирани на канабис.

Извршната наредба треба дополнително да биде формализирана од државната обвинителка Пам Бонди.

При потпишувањето, Трамп истакна дека оваа одлука е резултат на долгогодишни апели од пациенти и медицинската јавност.

„Со децении луѓето ме молат да го направам ова. Американски пациенти кои страдаат од силни болки, неизлечиви болести, агресивни карциноми, невролошки нарушувања, како и бројни ветерани со хронични здравствени проблеми, бараат пристап до терапии кои можат да им го подобрат квалитетот на живот“, изјави Трамп.

Тој ја потпиша наредбата во присуство на високи здравствени функционери, меѓу кои и секретарот за здравство и социјални услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор.

Одлуката се оценува како една од најзначајните промени во федералната политика за дроги во последните децении, иако целосната легализација на марихуаната на ниво на САД засега не е на повидок.

FixCredit
Escape