ПРВ.мк
Македонија

Луксузот под истрага: Приведени газдите на златара осомничени за огромно даночно затајување

Луксузот под истрага: Приведени газдите на златара осомничени за огромно даночно затајување
Kristal

Управата за финансиска полиција приведе двајца сопственици и управители на златара во Скопје, осомничени за сериозно даночно затајување со кое, според истрагата, државниот буџет бил оштетен за речиси 65 милиони денари.

До Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против Б.А. и Д.Х., сопственици и управители на правниот субјект АРЃИРА ДООЕЛ Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ согласно член 279 од Кривичниот законик.

Според наводите на Финансиската полиција, првоосомничениот Б.А. во периодот од 2020 до 2023 година присвоил златен накит во вредност од 197.742.227 денари, при што не пресметал, не пријавил и не уплатил ДДВ од 18 проценти, како и данок на личен доход. Со овие дејствија, на буџетот му била нанесена штета од 57.562.762 денари.

Второосомничениот Д.Х., пак, во текот на 2024 година присвоил дел од увезен златен накит и необработено сребро, како и кало-растур евидентиран во сметководството, со вкупна вредност од над 25 милиони денари. Притоа избегнал плаќање ДДВ и данок на личен доход, со што дополнително го оштетил државниот буџет за 7.361.536 денари.

Со преземените дејствија, според истрагата, двајцата осомничени во периодот од 2020 до 2024 година се стекнале со значителна противправна имотна корист, а вкупната штета нанесена на Буџетот на Република Северна Македонија изнесува 64.924.298 денари.

По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, денеска службени лица на Управата за финансиска полиција ги лишија од слобода осомничените, а против нив продолжува истражната постапка.

FixCredit
Escape