ПРВ.мк
Македонија

МВР со жестока акција пред празниците: Запленета рекордна количина пиротехника

МВР со жестока акција пред празниците: Запленета рекордна количина пиротехника
Kristal

Министерството за внатрешни работи значително ги засили превентивните и репресивните мерки против нелегалната употреба на пиротехнички средства, при што годинава се запленети речиси трипати повеќе пиротехника во споредба со минатата година.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на Плоштад „Македонија“, заедно со директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска и генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити, присуствуваше на показна вежба во рамки на превентивната кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“.

Кампањата ја реализираат СВР Скопје и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка од Клиниката за пластична хирургија, а целта е подигање на јавната свест за сериозните ризици од употребата на петарди и друга пиротехника, особено кај децата и младите.

Тошковски истакна дека заштитата на здравјето и животот на најмладите е врвен приоритет и упати благодарност до сите институции и ученици кои учествуваат во кампањата.

„Ниту една прослава не вреди колку здравјето и животот на нашите деца. Превенцијата е клучна и мора да работиме заедно за да спречиме трагедии“, порача министерот.

Тој информираше дека заклучно со ноември 2025 година, МВР открило и запленило околу 155.000 парчиња пиротехнички средства, наспроти околу 52.000 парчиња во истиот период минатата година. Само во текот на овој месец, во рамки на посебна оперативна акција, запленети се дополнителни над 30.000 парчиња пиротехника.

Според министерот, овие бројки се доказ за засилената работа на полицијата, но и сериозен аларм за количината на пиротехнички средства кои нелегално циркулираат низ државата.

„Ќе продолжиме со решителни контроли и санкции, но најважна е превенцијата. Нашата цел е празниците да поминат мирно и без повреди“, нагласи Тошковски.

Од МВР повторно апелираат до граѓаните да се воздржат од користење пиротехника и да придонесат кон безбедни и сигурни празници за сите.

FixCredit
Escape