Премиерот Христијан Мицкоски најави нов силен инвестициски импулс за македонската економија, потврдувајќи дека во државата ќе влезат две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80 милиони евра.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека станува збор за една турска и една германска компанија, кои веќе дале официјална потврда за инвестициите. Според најавите, двете компании заедно ќе остварат извоз поголем од 200 милиони евра годишно, а ќе отворат и околу 1.000 нови работни места.
Премиерот нагласи дека овие инвестиции се особено значајни бидејќи не се од автомобилската индустрија, туку припаѓаат на секторот на висока технологија, што претставува важен чекор кон диверзификација на странските вложувања во земјата.
„Фокусот ни е да не зависиме од една индустрија. Овие инвестиции носат додадена вредност, знаење и долгорочна стабилност за економијата“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека Владата интензивно преговара и со други странски компании и очекува до крајот на годината уште најмалку три нови инвестициски потврди, со што ќе се заокружи тековниот инвестициски циклус.
Паралелно со привлекувањето странски капитал, Мицкоски нагласи дека поддршката за домашните компании останува приоритет, но дека сите сериозни странски инвеститори кои носат развој и вработувања се добредојдени.
Со овие најави, Владата испраќа порака дека Македонија се позиционира како атрактивна дестинација за високо-технолошки инвестиции, со фокус на извоз, раст и нови работни места.
















