Италијанската парламентарна комисија усвои амандман на буџетот за наредната година со кој се утврдува дека златните резерви сместени во трезорите на Централната банка ѝ припаѓаат на државата, односно на италијанскиот народ, соопштија пратениците.
Во усвоениот текст, кој доби поддршка од буџетската комисија на Горниот дом на Парламентот, се наведува дека со златните резерви управува и ги чува Централната банка, но сопственоста им припаѓа на граѓаните на Италија.
Истовремено, во амандманот се потенцира дека ваквата формулација не е надредена на регулативите на Европската Унија, кои ја гарантираат независноста на централните банки во земјите членки.
Европската централна банка во два наврати реагираше пред објавувањето на конечниот текст, предупредувајќи дека ваквата одредба може да се протолкува како мешање во автономијата на италијанската Централна банка.
Министерот за економија Џанкарло Џорџети изјави дека недоразбирањата со претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, биле надминати на неодамнешниот состанок на министрите за финансии од еврозоната во Брисел.
Инаку, Италија се наоѓа на третото место во светот по обем на златни резерви, веднаш зад САД и Германија. Земјата располага со околу 2.452 тони злато, проценето на приближно 300 милијарди долари, што претставува околу 13 проценти од националниот бруто-домашен производ.
Џорџети минатата недела нагласи дека Владата нема намера да ги користи златните резерви на Централната банка за финансирање на јавната потрошувачка, бидејќи таков потег би бил спротивен на правилата на Европската Унија.
Амандманот треба да биде формално усвоен од двата дома на италијанскиот Парламент до крајот на годинава.
















