Капитенот на аргентинската репрезентација, Лионел Меси, блеска на Светското првенство 2026 и по завршувањето на натпреварите од групната фаза се наоѓа на врвот на листата на стрелци со вкупно шест постигнати голови.
Триесет и деветгодишниот фудбалски мајстор уште еднаш покажа дека годините не се пречка за врвни партии. Во првите три натпревари од турнирот тој постигна хет-трик против Алжир во победата од 3:0, два гола во триумфот над Австрија со 2:0 и уште еден погодок во победата против Јордан со 3:1.
Со овие шест гола, Меси не само што се издвои како прв стрелец на Мундијалот, туку испиша и нова страница во фудбалската историја. За време на шампионатот тој стана најдобар стрелец на сите времиња на Светските првенства, достигнувајќи вкупно 19 погодоци на мундијалските турнири.
Веднаш зад Аргентинецот се наоѓа група од четворица фудбалери кои имаат по четири постигнати гола. Во трката за „Златната копачка“ засега најблиску до Меси се Ерлинг Халанд од Норвешка, Винисиус Жуниор од Бразил, како и француските ѕвезди Усман Дембеле и Килијан Мбапе.
Зад нив следува голема група фудбалери кои имаат по три погодоци по одиграните натпревари во групната фаза. Меѓу нив се Брајан Броби (Холандија), Дениз Ундав (Германија), Елајџа Џаст (Нов Зеланд), Хари Кејн (Англија), Исмаел Саибари (Мароко), Исмаила Сар (Сенегал), Џонатан Дејвид (Канада), Џоел Манзамби (Швајцарија), Матеус Куња (Бразил) и Јоан Виса (ДР Конго).
Со по два гола во досегашниот тек од Светското првенство се Ентони Еланга (Шведска), Ајасе Уеда (Јапонија), Коди Гакпо (Холандија), Кајл Ларин (Канада) и Кристијано Роналдо (Португалија), кои ќе се обидат во нокаут-фазата да го подобрат својот голгетерски учинок.
Осминафиналните натпревари на Светското првенство 2026 ќе се играат во периодот од 28 јуни до 4 јули, кога продолжува и борбата за титулата најдобар стрелец на турнирот. Меси засега има убедлива предност, но со оглед на тоа што следуваат елиминациските натпревари, конкуренцијата ќе се обиде да ја намали разликата и да остане во трката за престижното признание.








