Соединетите Американски Држави во саботата извршија нови воени напади врз Иран, еден ден откако двајца американски војници загинаа, а четворица беа ранети во ирански ракетен и напад со беспилотни летала во Јордан. По еден војник сè уште се трага.
Централната команда на американската војска (CENTCOM) соопшти дека нападите биле насочени кон слабеење на иранските воени капацитети и силите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кои, според Вашингтон, стојат зад нападот врз американските сили во Јордан. Во соопштението се наведува дека целта е и заштита на комерцијалниот поморски сообраќај во регионот.
Со последниот напад, бројот на загинати американски војници од почетокот на конфликтот меѓу САД и Израел, од една страна, и Иран, од друга, се искачи на 16.
Во меѓувреме, Техеран објави дека повеќе нема да ги почитува одредбите од привремениот мировен договор и започна нови напади врз соседните заливски држави, вклучувајќи ги Кувајт и Јордан, како одговор на американските воздушни удари.
Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хаменеи порача дека САД ќе извлечат „важни лекции“ од најновите случувања. Во соопштението тој оцени дека американските напади претставуваат прекршување на меморандумот со кој бил предвиден 60-дневен прекин на огнот за време на преговорите за повторно отворање на Ормускиот Теснец и ограничување на иранската нуклеарна програма.
„Ова уште еднаш им докажа на сите колку потписот на американскиот претседател и неговите ветувања се безвредни и неважечки“, се наведува во соопштението на Хаменеи.










