Енергетската инфраструктура низ Украина била примарна цел на најновиот бран напади, јавуваат украинските медиуми. Нападите предизвикале материјални штети во повеќе региони, а на одредени локации состојбата сè уште била нестабилна.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преку социјалната мрежа „X“ информираше дека биле погодени клучни делови од енергетскиот систем, вклучително енергетската мрежа, производствени капацитети и дистрибутивни трафостаници.
Според него, штети се евидентирани во регионите Волин, Ивано-Франкивск, Лвов и Ривно, при што во Ривно била оштетена и станбена зграда.
Зеленски дополнително соопшти дека во Ладижин, во Виничката област, беспилотни летала ја погодиле административната зграда на земјоделско училиште, а напади биле регистрирани и во Киевската и Харковската област. Во дел од регионите, украинската противвоздушна одбрана и понатаму интервенирала за време на нападите.
Украинскиот претседател повторно упати апел до меѓународните партнери за итна испорака на дополнителни ракети и системи за воздушна одбрана, нагласувајќи дека заштитата на енергетската инфраструктура е клучна за безбедноста на цивилното население, особено во зимски услови.

















