Големиот пожар што избувна во близина на Солун е во голема мера локализиран, но противпожарните екипи и натаму остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување.
Во гаснењето учествуваат 160 пожарникари со 52 возила, пет копнени екипи, како и два авиона и два хеликоптери. Интервенцијата е насочена кон подрачјето Ореокастро, каде што пожарот уништи фабрика за рециклирање и текстилна фабрика.
И покрај тоа што активниот фронт е ставен под контрола, густ чад и понатаму се издига од индустриската зона. Надлежните предупредуваат дека поради материјалите што гореле, постои ризик од загадување на воздухот, па жителите се повикани да ги следат препораките на службите.
Градоначалникот на Неаполи-Сикис изјави дека во текот на ноќта се слушале бројни експлозии, бидејќи во погодените објекти се складирале пластика, нафтени деривати, мазива и други запаливи материјали.
Во меѓувреме, полицијата приведе 76-годишен маж кој е осомничен дека го предизвикал пожарот. Според истрагата, тој признал дека искри од неговото возило ја запалиле сувата вегетација, а медиумите пренесуваат дека бил во алкохолизирана состојба.
Во пожарот се повредени четворица пожарникари, а од безбедносни причини бил евакуиран и дом за лица со попреченост, од каде што биле префрлени 157 лица на безбедни локации.







