ПРВ.мк
Топ Вести

ПАЦИЕНТИТЕ АЛАРМИРААТ: Недостигаат онколошки терапии, директорот откри каде е проблемот

ПАЦИЕНТИТЕ АЛАРМИРААТ: Недостигаат онколошки терапии, директорот откри каде е проблемот

Пациенти на Клиниката за онкологија алармираат дека подолг период се соочуваат со недостиг на повеќе терапии, а дел од нив велат дека со недели чекаат одговор кога повторно ќе можат да ги добијат лековите што им се препишани.

До „Скопје1“ се обратиле пациенти кои тврдат дека во моментов недостигаат најмалку четири препарати – рибоциклиб, фулвестрант, капецитабин и пазопаниб.

Една од пациентките вели дека проблемот трае со месеци и дека пациентите се оставени во неизвесност околу продолжувањето на терапијата.

„Повеќе од пет терапии сигурно недостигаат веќе подолго време, повеќе месеци. Наводно по 1 септември, но тоа е долг период онколошки пациент да не прима терапија“, вели таа.

„Неделите си поминуваат, а пациентите чекаат“

Посебна реакција има и за недостигот на капецитабин, терапија која ја користат и пациенти со рак на дебелото црево.

Една пациентка за „Скопје1“ раскажува дека повеќе пати добивала информација дека лекот наскоро ќе пристигне, но роковите поминувале без терапијата да биде достапна.

„Минатата недела немаше, ни рекоа оваа недела ќе ни се јават и ништо. Бевме денес и ни рекоа дека најверојатно од следна недела. И така неделите си поминуваат, а најзагрозените си чекаат и никој не одговара“, наведува пациентката.

Од Клиниката потврдуваат доцнење на испораките

Директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, за „Скопје1“ потврдил дека има доцнење во испораката на наведените препарати.

Според него, причината е ненавремената испорака од страна на дистрибутерите.

„Испораката на сите наведени препарати доцни поради ненавремена испорака од страна на дистрибутерите“, вели Стојковски.

Од Клиниката информираат дека капецитабин се очекува да пристигне утре, додека рибоциклиб, фулвестрант и пазопаниб се очекува да бидат доставени во текот на следната недела.

Стојковски додава дека Клиниката навремено ги извршила нарачките, а до дистрибутерите било испратено укажување поради доцнењето и можните последици од ненавремената испорака.

За пациентите, сепак, останува најважното прашање – колку долго ќе треба да чекаат и кога точно повторно ќе ја добијат терапијата што им е неопходна.

Извор: Скопје1.мк