Семејството на починатиот Кристијан Јосип Периш, чија смрт во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб ја потресе Хрватска, ги повика граѓаните на комеморативен собир на 21 ноември, со почеток во 18:30 часот, на плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“.
Од граѓаните се бара да понесат бели перници, како симбол на протест против насилството врз психијатриските пациенти.
„Перницата се става под главата на пациентот, а не на неговото лице. Со една перница задушуваа човек. Со илјадници перници бараме тоа никогаш повеќе да не се повтори. Нема да нè задушите“, порача семејството.
Оние што не можат да присуствуваат се повикани да закачат бела навлака за перница на прозорец или балкон и да објават фотографија на социјалните мрежи со ознаката #necetenasugusiti.
Семејството истовремено објави пет конкретни барања до надлежните институции.
Првото се однесува на законски измени со кои изречно би се забранило покривање на лицето и секоја постапка што може да го отежне дишењето при физичко ограничување на пациент.
Се бара и задолжително пријавување на секоја ваква интервенција, како и итно известување на полицијата во случај на смрт или тешка повреда.
Второто барање е воведување задолжителен видеонадзор во просториите каде што се применуваат мерки на физичко ограничување, со чување на снимките најмалку шест месеци.
Третото барање е да бидат сослушани сите медицински работници присутни за време на интервенцијата врз Кристијан.
Четвртото се однесува на проверка на боледувањата на вработените по трагедијата.
Петтото барање е психијатриската болница „Свети Иван“ да биде преименувана во Клиника „Кристијан Јосип Периш“.
Семејството нагласи дека собирот нема политичка заднина и дека не сака трагедијата да се користи за партиски цели.
Околностите на смртта и евентуалната кривична одговорност се предмет на истрага.








