По трагичната смрт на Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб, во Хрватска се отвораат нови прашања за постапувањето со лицата на кои им е потребна психијатриска помош.
Овојпат алармот го вклучија претставниците на Синдикатот на правосудната полиција, кои предупредуваат дека затворските полицајци се принудени да се грижат за затвореници со психички и здравствени проблеми, иако немаат соодветна обука.
Според Јеленко Крешо, потпретседател на синдикатот, вработените во затворската болница често се оставени сами да се справуваат со сложени ситуации.
Тој посочи дека пред неколку месеци во затворската болница било сместено и лице со аутизам, а медицинската поддршка била ограничена.
„Имате лекар кој е присутен четири часа и медицинска сестра. За сè друго тука е правосудната полиција, која нема поминато никаква обука ниту едукација“, изјави Крешо за хрватската Нова ТВ.
Според него, полицајците најчесто се потпираат на искуството стекнато низ годините, кое потоа го пренесуваат на помладите колеги.
Сепак, синдикатот предупредува дека ваквата практика носи сериозни ризици.
„Што ако при постапувањето се случи грешка и некој настрада? Тогаш се поставува прашањето кој ја сноси одговорноста. Сè е добро додека ништо не се случи“, нагласи Крешо.
Тој побара затворската болница да премине под надлежност на Министерството за здравство, со цел да се обезбеди постојан и соодветен медицински персонал.
„Ние не сме тука да ги заменуваме лекарите, медицинските сестри, психолозите и психијатрите“, порача синдикалниот претставник.
Предупредувањето доаѓа во период кога хрватската јавност бара одговори и одговорност по трагедијата во психијатриската болница во Јанкомир.








