Голема полициска акција во Србија резултираше со апсење на четири лица и заплена на околу 290 килограми супстанции и растенија за кои постои сомнение дека се наркотици.
Акцијата била спроведена на подрачјето на општина Топола, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Крагуевац.
Во операцијата учествувале припадници на српското Министерство за внатрешни работи од Белград и Полициската станица Младеновац.
Според информациите од полицијата, четири лица биле уапсени под сомнение за неовластено производство и продажба на наркотични дроги, додека по уште едно лице интензивно се трага.
Тројца од уапсените се жители на Белград, а едно лице е од Јагодина.
При претрес на простории што ги користел осомничениот кој е во бегство, полицијата пронашла околу 90 килограми супстанца за која се сомнева дека е марихуана.
Во просториите биле откриени и ваги за прецизно мерење, како и опрема наменета за одгледување растенија.
Дополнително, при пребарување на блиската шума, полициските службеници пронашле уште околу 200 килограми исечени растенија за кои постои сомнение дека се психоактивен коноп.
Со ова, вкупната количина на запленетите сомнителни супстанции и растенија достигнува приближно 290 килограми.
На четворицата осомничени им е одредено задржување до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат спроведени пред надлежниот обвинител во Крагуевац.
Полицијата продолжува со преземање мерки за пронаоѓање на петтото осомничено лице.









