Казни до 15 години затвор за злоупотреба на службената положба и незаконски постапувања при јавните набавки се предвидуваат во новиот нацрт-Кривичен законик, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Предложениот закон, заедно со новиот Закон за кривичната постапка, е доставен до Европската комисија на мислење, а граѓаните и стручната јавност ќе можат да доставуваат забелешки и предлози.
Според предложениот член 460, кој го заменува досегашниот член 353, за основниот облик на злоупотреба на службената положба се предвидува затворска казна од шест месеци до пет години.
Доколку со злоупотребата е прибавена поголема имотна корист или е предизвикана поголема штета, предвидената казна е од една до осум години затвор.
За случаи во кои е остварена значителна имотна корист или е причинета значителна штета, се предлага казна од четири до 15 години затвор.
Значајна новина е и членот 461, кој посебно ги регулира злоупотребите при јавните набавки, концесиите и договорите за јавно-приватно партнерство.
За незаконско постапување при вакви договори се предвидуваат казни од една до пет години затвор, а при поголема имотна корист или штета од една до десет години.
За најтешките облици на злоупотреби при јавните набавки се предлага затворска казна од четири до 15 години.
Новите решенија треба да одговорат и на последиците од измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои беше избришана посебната одредба за злоупотреби при јавни набавки.
Од Министерството за правда посочуваат дека целта е поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобра заштита на жртвите и усогласување со европските стандарди.
Предложените одредби сè уште не се усвоени и не се во сила. По јавната расправа и мислењето од Европската комисија ќе следува натамошната законска постапка.






